
Клучен дуел за Македонија во квалификациите: Денеска против Казахстан
Македонската фудбалска репрезентација денеска го продолжува настапот во квалификациите за Светското првенство 2026 година со гостински меч против Казахстан, кој може да биде клучен за задржување на чекорот со врвот на табелата во групата Ј.
По храбриот настап и ремито 1:1 против Белгија во Скопје, „црвено-жолтите“ полни со мотиви патуваа за Централна Азија, каде што ќе се обидат да стигнат до полн плен и нови три бодови. Победа во овој натпревар би ја зацврстила Македонија на второто место и би ја задржала во трката за пласман на Светското првенство.
Репрезентативците вчера го одработија официјалниот тренинг на терен со вештачка подлога, идентичен со оној на кој денеска ќе се одигра средбата. Натпреварот започнува во 16:00 часот по македонско време.
Во Ј-групата води Велс со 7 бодови од три натпревари, следат Македонија со 5 (три меча), Казахстан со 3 (два меча), Белгија со 1 (еден натпревар) и Лихтенштајн без бодови по три одиграни натпревари.
За избраниците на селекторот Благоја Милевски, натпреварот во Казахстан претставува идеална шанса да направат уште еден чекор напред кон исполнување на сонот – прв историски пласман на Светско првенство.