
Индија предупредува: Секоја акција ќе биде ескалација
Индискиот министер за надворешни работи Субрахманјам Џајшанкар денес предупреди дека земјата ќе ја смета секоја понатамошна акција на Пакистан како ескалација, на што Њу Делхи ќе одговори.
Тој посочи дека Пакистан ќе биде одговорен за последиците доколку индиската инфраструктура биде нападната.
Џајшанкар изјави дека наскоро ќе се сретне со Комитетот за следење на санкциите 1267 на ОН, кој се занимава со тероризам, наведувајќи дека лицата убиени во нападите на Индија врз Пакистан биле „терористи“, пренесува Ројтерс.
„Воените цели (во Пакистан) не беа цел, но беше погодена терористичката инфраструктура“, рече министерот.
Тој истакна дека првичната ескалација се случила за време на нападот врз индиските туристи во Кашмир и дека Индија немала намера дополнително да ескалира, туку нападите на земјата врз Пакистан, според министерот, биле само одговор.
Џајшанкар, исто така, го обвини Пакистан за злоупотреба на религиозни места за радикализирање и обука на „терористи“, наведувајќи дека Индија „нема добра евиденција“ за соработка со Пакистан за време на истрагите за минатите „терористички напади“.
Тој додаде дека Пакистан го крши Договорот за водите на реката Инд, создавајќи блокади во правото на Индија да ги користи тие води.
Претходно денес, пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Асиф, изјави дека САД ги предводат меѓународните напори за деескалација на тензиите меѓу Индија и Пакистан, а земјите од Персискиот Залив се исто така вклучени во процесот.
Асиф за Ројтерс изјави дека доколку Пакистан одлучи да возврати понатаму, ќе ги таргетира индиските воени објекти.
Индиските власти денес соопштија дека 16 цивили, меѓу кои три жени и пет деца, биле убиени во пакистанските напади.