
Ганиу: Можам да ја пратам Арсовска во Феризај да научи како се развиваат градови
Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, ѝ возврати на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која претходно изјави дека тој „ќе мора да избега во Косово“ поради наводни злоупотреби во општината.
Ганиу изјави дека нема никаква причина да бега, и иронично порача дека, наместо тоа, би можел токму тој да ја испрати Арсовска во Урошевац – за, како што рече, да научи како се развиваат градовите.
„Самиот изглед го покажува нивото, го покажува ставот што го има кон нас како Албанци, во овој контекст. Бидејќи самиот факт што го споменува Косово, сигурно асоцира на нешто лошо со него. Јас не бегам во Косово, многу често одам и го посетувам Косово бидејќи таму имам семејство. Градот што најмногу го посетувам е Феризај бидејќи мојата покојна мајка беше од оттаму. Денес, Феризај можам да кажам дека е конкурентен дури и со Приштина како главен град, а да не зборуваме како се развиваат другите главни градови во регионот овде, земајќи ги предвид Тирана и Приштина. За жал, Скопје е на најниско ниво. Сите ја знаеме причината, ја знаат и граѓаните. Тоа е Данела Арсовска. Личност која не се помрднала ни сантиметар во ниту една работа во градот Скопје“, кажал Ганиу како што пренесуваат дел од медиумите во земјава на албански јазик.