
Ендрју Тејт обвинет за силување и трговија со луѓе
Контроверзниот инфлуенсер Ендрју Тејт е обвинет во Романија за силување, трговија со луѓе и формирање на организирана криминална група за сексуална експлоатација на жени, објави Би-Би-Си.
Обвинети се и неговиот брат Тристан и двајцата соработници. Сите ги отфрлија обвинувањата, додава Би-би-си.
Браќата Тејт првпат беа уапсени во нивниот дом во Букурешт во декември 2022 година. Со одлука на романски судија, тие беа префрлени во домашен притвор.
Во обвинението во Букурешт се наведува дека обвинетите во 2021 година формирале организирана криминална група за трговија со луѓе во Романија, но и во други земји, вклучувајќи ги САД и Велика Британија.
Во обвинението се наведени седум наводни жртви, за кои се вели дека биле регрутирани од браќата Тејт со лажни ветувања за љубов и брак. Ендрју Тејт е обвинет за силување на една од жртвите, додека неговиот брат е обвинет дека поттикнувал други да извршат насилство.
Судењето нема да започне веднаш и се очекува да трае неколку години, објави Би-Би-Си.