
Детето е спасено, три женски тела извлечени, се трага по шоферот од автомобилот кој излета во Вардар
Полицијата продолжува со потрагата по четвртото лице кое било во автомобилот што вчера вечерта излета од патот кај село Рашче и падна во реката Вардар. Според изјавите на роднините, лицето што се бара го управувало возилото.
Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека синоќа во 21:05 часот Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ го извлекла автомобилот „ауди“ од водите на Вардар. Во возилото биле пронајдени три починати лица, за кои претходно Центарот за управување со кризи (ЦУК) потврди дека се женски.
„МВР останува на местото на настанот сè до целосно расчистување на случајот,“ истакнаа од Министерството.
Во моментот на несреќата, во автомобилот се наоѓало и 4-годишно дете кое излетало од возилото пред тоа да заврши во реката. Детето било пронајдено од случајни минувачи, кои го однеле во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, а потоа е префрлено во Клиничкиот центар.
Од Клиниката за детска хирургија информираа дека детето е во стабилна состојба, но поради сериозноста на повредите е задржано на опсервација.