
Данскиот крал го смени грбот на државата: Историчарите изненадени, а „виновникот“ е Доналд Трамп
ДАНСКИОТ крал Фредерик X го промени изгледот на грбот на државата, со што на него се повидливи симболите на Гренланд и Фарските Острови – поларна мечка и овен, што може да биде одговор на изјавите на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп за купувањето на Гренланд, пишува „Гардијан“.
Кралската веб-страница вели дека промените биле направени со декрет на 20 декември поради желбата на кралот да „создаде модерен грб кој истовремено ќе ја одразува заедницата (на Обединетото Кралство Данска) и ќе ја почитува историјата и хералдичката традиција.
– Данскиот крал ги изненади историчарите менувајќи го кралскиот грб, така што на него се повидливи Гренланд и Фарските Острови, што се толкува и како отпор кон (новоизбраниот претседател на САД) Доналд Трамп – пишува „Гардијан“.
Од грбот беа отстранети и три круни, кои беа на истото поле со симболите на Гренланд и Фарските Острови и ја симболизираа Калмарската алијанса на Данска, Норвешка и Шведска, која беше склучена помеѓу 1397 и 1523 година. Во изјавата на кралот се наведува дека овој елемент „повеќе не е релевантен“.
Новиот кралски грб беше изготвен врз основа на препорака на комисија формирана веднаш откако Фредерик ја наследи неговата мајка, кралицата Маргрета, која абдицира од тронот во јануари 2024 година.
„Гардијан“ забележува дека промената на грбот се случила во време на зголемени тензии околу Гренланд и нејзините односи со Данска, како и по изјавата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој во декември рече дека „сопственоста и контролата“ на островот е „апсолутна неопходност“ за САД.
Уште за време на неговиот прв мандат, Трамп зборуваше за плановите да го купи Гренланд, но беше одбиен. Овој пат премиерот на земјата Муте Егеде повторно одговори дека „Гренланд не е на продажба“.
Гренланд беше колонија на Данска до 1953 година. Сè уште е дел од кралството, но во 2009 година доби автономија со можност за самоуправување и независен избор во внатрешната политика.
На 7 јануари Трамп објави дека неговиот син Доналд Трамп помладиот ќе го посети Гренланд.
– Гренланд е неверојатно место и луѓето ќе имаат голема корист ако и кога ќе стане дел од нашата нација… Да го направиме Гренланд повторно голем – напиша новоизбраниот американски претседател на социјалните мрежи.