
Булдожерите ги отстрануваат напуштените автомобили, огнот се шири и брише се пред себе: Метеоролозите стравуваат од огромно невреме
Илјадници луѓе ги напуштаат своите домови, училиштата се затворени, а булдожерите ги отстрануваат напуштените автомобили на булеварот Сансет – апокалиптични слики пристигнуваат од Лос Анџелес каде што гледаме како пожарникари се справуваат со страшен пожар, кој се шири низ калифорнискиот град. Метеоролозите стравуваат дека ветерот, кој е опасен по животот и одговорен за брзото ширење на пожарот, може да се претвори во најголемата бура во последните десет години.
На повеќе од 30.000 луѓе им беше наредено да се евакуираат во Јужна Калифорнија откако избувна пожар во населбата Пацифик Палисадес. Канцеларијата за образование соопшти дека училиштата во 19 области во тој дел од државата денеска се затворени поради ширењето на пожарот.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, на социјалните мрежи напиша дека пожарникарите „агресивно“ се борат со пожарот, а една пожарникарка е тешко повредена во акција.
„Пожарникарката (25) се здобила со сериозна повреда на главата. На местото на настанот и била укажана лекарска помош и е пренесена во локалната болница за понатамошна евалуација“, напиша капетанот на противпожарната служба во Лос Анџелес, Ерик Скот на платформата Икс, пренесе Си-Ен-Ен.
Скот објави и дека околу 21 часот по локално време „пријавено е дека неколку жртви со изгореници се движеле кон блискиот ресторан“.
Пред да избие пожарот, Националната метеоролошка служба издаде предупредување за највисоко ниво на екстремни услови за пожар за поголемиот дел од округот Лос Анџелес од вторник до четврток, предвидувајќи силни ветрови.
Стотици илјади луѓе без струја, пожарот се шири на пет фудбалски игралишта во минута
Најмалку 220.916 корисници се без струја во округот Лос Анџелес поради пожарот, кој зафати повеќе од 2.900 хектари земја.