
Австралија: Една жена загина, 120.000 домаќинства без струја поради невреме
Една жена загина во источна Австралија , поради невреме на Божиќ , додека околу 120.000 домаќинства останаа без струја, како што соопштија денеска властите.
59 -годишната жена починала откако дрво паднало при силни ветрови во областа Голд Коуст (Исток) , изјави Џеј Њутн од Службата за брза помош.
„Тоа беше како област на катастрофа, имаше дрвја низ целиот пат“, им рече тој на новинарите.
Невремето ги уништи далноводите околу Бризбејн, регионалниот главен град во Квинсленд, соопшти локалниот снабдувач на електрична енергија Енергекс, наведувајќи ја „катастрофална и широко распространета штета од циклонски размери“.
„ Над 800 далноводи беа во прекин , 120.000 корисници без струја , ќе бидат потребни денови за да се врати услугата“, соопшти компанијата на платформата X (поранешен Твитер).
Австралиското биро за метеорологија за денеска, вторник, прогнозира нов силен бран на невреме со силен ветер, град и обилни врнежи од дожд . Во исто време, тој издаде предупредување за поплава за река која се наоѓа на приближно 40 километри од Голд Коуст.