
ЕКС-ДИРЕКТОР НА ЕСМ И 32 ЛИЦА ОСОМНИЧЕНИ ДЕКА ИСПРАЛЕ 2 МИЛИОНИ ЕВРА Бујар Дардишта имал одврзани раце од СДСМ за криминал?

Поранешниот директор на ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје и кадар на ДУИ, а одобрен од СДСМ, Бујар Дардишта, заедно со уште 32 лица е осомничен за перење на пари во висина од 2 милиони евра, добиени преку местење на тендери вредни 8 милиони евра, обвинува Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Петрушевски тврди дека раководството на ЕСМ во 2023 година, раководено од власта на СДСМ и ДУИ, наместило тендер за набавка на „СКАД Ормари мониторинг ормар со ГСМ контролор за топлинска станица” за потребите на ЕСМ Дистрибуција, а за таа цел договориле две правни лица од Скопје и Куманово да се јават на тендерот.
„Едната фирма од Куманово, била пријавена со непотполна документација и со понудена повисока цена, за разлика од другата фирма од Скопје која требала да го добие тендерот.
Скопската фирма понудила речиси идентичен износ со проценетата вредност на јавната набавка, иако таа вредност не била објавена во огласот. Со овој чекор, власта на СДСМ и ДУИ овозможила на правно лице од Скопје да се стекне со противправна имотна корист од речиси 8 милиони евра.
Дополнително, за да ги прикријат делата, осомничените пуштиле во оптек, примиле и пренеле финансиски средства во вредност од 2 милиони евра, со што извршиле кривично дело перење на пари.
Прашуваме, дали ЕСМ била претворена во организирана криминална каса за партиски и лични интереси? Зошто за овој криминал Јавното обвинителство не постапувало и чекало да помине толку голем временски период? Дали осомничените се само извршители на дејствието, а политичките нарачатели и заштитници се уште се недопирливи? Дали некој од врвот на минатата власт на СДСМ и ДУИ сè уште ЈО го штити?
Времето на неказнивост помина, правда и одговорност мора да има!“, истакнува Петрушевски.
.

