
ЌЕ ЗАМЕНАТ ДЕЛ ОД УРЕДНИЦИТЕ ВО ВЕСНИКОТ СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА – германски Билд вака ќе заштеди 100 милиони евра
Германскиот таблоид Билд, најпродаваниот дневен весник во Европа, планира да замени одредени уредници со вештачка интелигенција (ВИ) како дел од програмата за заштеда од 100 милиони евра, објави менаџментот на компанијата до вработените преку е-пошта.
Таблоидот, исто така, го реорганизира својот регионален бизнис со весници, за што се верува дека ќе резултира со стотици отпуштања.
„За жал, весникот ќе се раздели со колегите чии одговорности во дигиталниот свет се заменети со вештачка интелигенција“, се вели во е-пошта издавачот и сопственик на Билд, компанијата Аксел Спрингер.
Улогата на „уредник, заменик уредник, работник за производство на печатот, коректор и уредник на фотографии повеќе нема да постои во сегашната форма“, се вели во е-поштата, која ја виде Frankfurter Allemande Zeitung (FAZ).
Пораката следи по најавата на извршниот директор Матијас Депфнер, кој рече дека ќе биде „чисто дигитална медиумска компанија“ во иднина, според Гардијан.
Билд сè уште нема проценка колку луѓе би можеле да останат без работа поради вештачката интелигенција.
Аксел Спрингер не е првиот издавач на весници кој размислува да воведе вештачка интелигенција.
Порталот BuzzFeed годинава објави дека има намера да користи вештачка интелигенција за подобрување на содржината, додека Daily Mirror и Daily Express исто така ја разгледуваат можноста за користење на вештачка интелигенција.

