
Ќе добијат ли малите акционери на Мермерен комбинат Прилеп понуда што не се одбива?
За тоа колку вреди акцијата на Мермерен комбинат досега сме се увериле од дивидендите што ги плаќа, а тие достигнуваат и до 40% од книговодствената вредност на акцијата. Според наши неофицијални сознанија новиот сопственик е спремен да плати 5 милиони евра за сите акциите на малите акционери, а тоа би било 2,4 пати повеќе од последната пазарна цена на таа акција
Новиот доминантен акционер во Мермерен комбинат Прилеп нема да штеди пари да ги откупи сите слободни акции во најголемата компанија за експлоатација на мермер во Македонија, дознава „Фактор“.
Преку сервисот СЕИ НЕТ на Македонската берза прилепската компанија потврди дека добила известување дека новиот доминантен сопственик „Долит Инвестмент“, согласно со важечкиот закон, ќе даде понуда за превземање на сите слободни акции во прилепската компанија.
Според нашите информации цената што би ја понудил новиот мнозински акционер е понуда што нема да може да се одбие и таа може да изнесува и 100 евра во денарска противвредност за секоја акција од малцинските акционери.
Понудата ќе биде објавена наскоро, а таа ќе важи за сопствениците на околу 504.000 акции. Помалиот дел од овие акции се во сопственост на 75 домашни физички лица кои поседуваат 0,75 отсто од акциите. Поголемиот дел од акциите односно точно 10 отсто се на старателски сметки во грчката Пиреус банка која само формално е акционер во Мермерниот комбинат.
Доколку оваа неофицијална информација се официјализира тоа значи дека новиот сопственик „Долит Инвестмент“ ќе депонира во некоја од нашите деловни банки 5,04 милиони евра кои ќе бидат наменети за исплата на сите акции на малцинските акционери кои сакаат и се подготвени да ги продадат акциите на новиот мнозински акционер.
Секако дека за да биде прогласена за успешна понудата за превземање мора да се сложат и акционерите чии права ги претставува грчката Пиреус банка.
Прилепскиот Мермерен комбинат важи за многу успешна домашна компанија, која најголем дел од своето производство го пласира во извоз. Во 2022 година ова друштво имаше продажба на мермер вредна над 30 милиони евра, а профитот по оданочување изнесува 14 милиони евра. Токму со овој профит ќе располагаат новите сопственици претставени во компанијата „Долит Инвестмент“.
Р.Ф.

