
Двајца функционери на ОФС Охрид добија кривична пријава – преку лажни натпревари и фиктивни играчи сакале влијание во ФФМ
СВР Охрид поднесе кривична пријава против двајца функционери од Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) Охрид поради сомнение за фалсификување документи и измама со цел влијание во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Според полицијата, Ц.М. и Н.Ц., во својство на претседател и секретар на ОФС Охрид, во текот на 2024 година внесувале лажни и неточни податоци во системот „Комет“ на ФФМ. Станувало збор за натпревари кои воопшто не биле одиграни, како и за лица прикажани како играчи и судии, иако тие не биле регистрирани и немале право на учество.
Со овие дејствија, пријавените, како што истакнува СВР Охрид, се обиделе да создадат привид дека се исполнети условите за ОФС Охрид да обезбеди свои претставници во органите и телата на ФФМ.
Против двајцата се поднесени кривични пријави за фалсификување исправа и измама, а предметот е предаден на надлежното јавно обвинителство за понатамошна постапка.
