
Донесен ребалансот на Буџетот на Град Скопје – Ѓорѓиевски најавува лаптоп за секој првенец на генерација!
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски информира дека со еден глас против и еден воздржан, денеска е донесен ребалансот на Буџетот.
Според него, со ова се обезбедени се средства за булевари, паркови, зголемени капитални инвестиции!
„На денешната седница на Советот на Град Скопје, беше изгласан ребаланс за закрепнување на градот и јавните претпријатија, ребаланс кој ќе овозможи плати за вработените, но и со кој кратиме непродуктивни трошоци. Сакам да им се заблагодарам на сите советници за поддршката и конструктивноста. Почнуваме со консолидација. Овој ребаланс значи сериозна промена со кој буџетскиот дефицит го намалуваме за 928,5 милиони денари, а капиталните инвестиции ги зголемуваме за речиси 98,9 милиони. Тоа е јасна порака дека нема повеќе нерационални задолжувања, туку нови решенија и нови проекти. Јавниот превоз го решаваме без нови кредити и без да го ставаме градот на колена. Приватните превозници се враќаат и повторно ќе возат, повторно ќе служат на скопјани. Во тек е соработка со Министерството за транспорт за повторно оживување на Градскиот воз“, вели Ѓорѓиевски.
Тој додава дека Владата веќе ја спроведува набавката на 80 нови автобуси, а тие започнуваме со разгледување на БРТ – системот кој ќе го подигне јавниот превоз на повисоко ниво.
„Во образованието правиме силен исчекор напред. До крајот на годината, училиштата ќе добијат нови спортски терени, фитнес зони, смарт табли, кабинети за информатика и лаптоп за секој првенец на генерација. Ќе се реши и хроничниот недостаток на столчиња и училишни клупи. Со овој ребаланс започнуваме и со реализација на ветените проекти како што се парк ,,Христијан Тодоровски – Карпош”, парк ,,Лепенец”, како и изградба на 50 нови помали паркови низ градот“, порача Ѓорѓиевски.
Во делот на инфраструктурата, стартуваат со проекти што одамна требало да бидат завршени.
„Тоа се реконструкција на улицата ,,Фрањо Клуз”, кружниот тек во Ѓорче Петров, трета лента на булеварот ,,Александар Македонски”, прва фаза на булевар ,,Хрватска”, булевар ,,АСНОМ”, клучката кај ,,Момин Поток”. Дополнително, обезбедуваме и средства за изработка на проектна документација за улиците ,,Шарпланинска”, ,,Бутелска”, ,,Радишанска”, кружен тек кај ,,Тобако 2” и други. Во буџетот има средства и за надомест на експропријација, со што конечно ќе се отвори патот и за реализација на поголемите булеварски решенија, меѓу кои и булеварот ,,Борис Трајковски”, вели Ѓорѓиевски.
