„ДОЈЧЕ ТЕЛЕКОМ“ РАЗГЛЕДУВА НОВИ ИНВЕСТИЦИИ ВО МАКЕДОНИЈА Николоски откри за што разговарале со германскиот телекомуникациски гигант
Неодамнешната владина посета на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија имала значајна политичка и економска димензија, со фокус на привлекување нови странски инвестиции и продлабочување на економската соработка, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Одговарајќи на пратеничко прашање од Кире Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ, Николоски рече дека делегацијата остварила средба со премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, на која биле разменети мислења за актуелните европски предизвици и можностите за соработка.
– Остваривме средба со премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, кој во моментов, според сите истражувања на јавното мислење во Сојузна Република Германија, е најпопуларниот политичар во земјата. Тој е член на владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ), наша сестринска партија во Европската народна партија. Беше интересно да размениме мислења за актуелните случувања во Европа, предизвиците со кои се соочува Европа, но и за нашите предизвици – рече Николоски.
Вицепремиерот посочи дека Северна Рајна-Вестфалија е еден од најразвиените економски региони во Европа, со околу 18 милиони жители и бруто-домашен производ од приближно 900 милијарди евра.
Во рамките на економскиот дел од посетата, делегацијата се сретнала и со раководството на „Дојче Телеком“. Како што информираше Николоски, на средбата биле разгледани можностите за проширување на соработката и за нови инвестиции во Македонија.
– Разговаравме и за потенцијални нови инвестиции што „Дојче Телеком“, преку „Македонски Телеком“, би можел да ги реализира во Македонија. Тие веќе развиваат проект за сопствен дата-центар, а беше отворена дискусија и за поширок опсег на инвестиции – изјави Николоски.
Според него, особено значајни за државата би биле инвестициите во истражувачко-развојни центри (R&D), кои би овозможиле ангажирање млади научници и развој на нови технологии.
– Разговаравме не само за билатералната соработка што можеме да ја оствариме, туку и за новите трендови и случувања во бизнисот и технологијата. Беа претставени нивните визии буквално за 22 век, односно како очекуваат да изгледа животот тогаш – од просечниот дом до здравството и начините на кои ќе се движат луѓето. Навистина импресивно, морам да признаам. Тоа е сектор во кој можеби најмногу ни е потребно да инвестираме – да развиваме истражувачко-развојни центри, односно R&D-центри, каде што младите научници ќе можат да работат и да ја обликуваат иднината – изјави Николоски.
За време на посетата бил организиран и бизнис-форум на кој учествувале компании што веќе работат во Македонија, но и компании кои размислуваат да инвестираат во земјава во наредниот период.
Делегацијата ја посетила и компанијата „Gerresheimer“, која веќе има инвестиција во Македонија.
Николоски оцени дека посетата донела значајни економски придобивки и отворила можности за нови инвестиции во наредниот период.
Тој информираше дека во рамките на посетата биле реализирани и средби со претставници на македонската дијаспора од повеќе европски земји, како и учество на меѓународна конференција посветена на безбедносните предизвици во Европа.
– Секако, круна на посетата беше конференцијата на која присуствуваа неколку претседатели на европски држави, како и министри од различни влади. Генерално се разговараше за безбедносната архитектура и безбедносните предизвици со кои се соочува Европа во моментов. На прво место е војната во Украина, но и сите други безбедносни предизвици со кои денес се соочува Европа, а преку тоа и светот – рече Николоски.
.
Извор: plusinfo.mk