
Димова по пресудата: Ова е политичка игра – и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат корист од тоа јас да бидам осудена
Поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, денеска беше прогласена за виновна од Основниот кривичен суд Скопје за злоупотреба на службена положба и овластување и осудена на две години затвор.
Во изјава за медиумите, Димова рече дека се ослободува од вината за злоупотреба на европски пари, но дека е обвинета за непридржување кон постапките поврзани со делата што ѝ се товарат. Таа истакна дека судијката постојано повторувала дека парите за кои е обвинета потекнуваат од оперативниот фонд на ЕУ, односно се европски пари, за кои претходно била ослободена од обвинување за злоупотреба.
Димова додаде дека не е изненадена од пресудата:
„Не сум многу изненадена, особено затоа што во последните две-три недели се активираа луѓе кои се политички мотивирани, и мислам дека ова е уште една политичка игра. Во овој случај, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат корист од тоа јас да бидам осудена“, изјави Димова.
Судот ја ослободи од вина за делото измама, но ја задолжи да ги покрие судските трошоци и во рок од шест месеци да ја надомести штетата од 22,7 милиони денари на Националната агенција.