
Деветнаесетти марш во Кочани – семејствата на жртвите бараат правда
Родителите на загинатите во кочанскиот пожар, заедно со граѓани, вчера повторно маршираа низ улиците на градот – по 19. пат.
И овој пат тие упатија јасни барања за вистинска разрешница, одговорност и правда за трагедијата, нагласувајќи дека нема да прифатат само празни зборови и формално сочувство од политичари и функционери. Потсетија дека во пожарот животот го загубија 62 лица, а 203 беа повредени, нагласувајќи дека ова не е само бројка во хрониките, туку човечка болка која не смее да се заборави.
Маршот заврши со порака дека нема да дозволат институциите да ја заташкаат несреќата и да ја претворат во молк. Во меѓувреме, обвинението на Основното јавно обвинителство сè уште чека одобрување од Основниот кривичен суд.