
Денеска се слави Преподобен Јован Ветхопештерник
Се подвизуваше во т.н. Ветха (т.е. стара) Пештера или Лавра, на свети Харитон Велики во Палестина. Бидејќи со сето срце, со сиот ум, со целата своја душа Го возљуби Христа, од младоста почна да патува по светите места и да ги слуша поуките и советите на светите луѓе.
Најпосле се насели во Харитоновата пештера, каде што се предаде на строг подвиг минувајќи ги деновите и годините во пост, молитва и бдеење, непрестајно размислувајќи за смртта и учејќи се на смирение.
Смртта го најде како добро созреан плод и го пресели во Рајот. Поживеа и се упокои во 8 век.
Тропар
Со поглед кон Небесата подигнат, свети Јоване преподобен, душата твоја се напои со благодат врз благодат, трудот и воздржанието ги умртвија страстите на човечкото тело, земен ангел постанувајќи, на Бога Му угоди, Кој не ги презре твоите молитви, затоа и сега за нас застапи се пред Оној Кој мирот Свој тебе ти го подари.