
Бугарското МНР со реакција за бришењето на „Иван Михајлов“: Кршење на правата на Бугарите за здружување
Министерството за надворешни работи со зголемена загриженост ги следи случувањата во Северна Македонија поврзани со обидите за ограничување на правото на здружување на Бугарите во земјата. Ова се наведува во ставот на бугарското МНР откако Министерството за правда со потпис на министерот Кренар Лога ја забрани употребата на името „Иван Михајлов“ на бугарскиот клуб од Битола, кој подоцна порача дека ќе се жали во Стразбур.
– Одлуките што ги носат властите во Северна Македонија се директно поврзани со степенот на демократизација во земјата. Тие се во спротивност со заложбите на Скопје во областа на човековите права и обврската да обезбеди еднакви права и слободи за сите граѓани, вклучително за оние кои се дефинираат како Бугари. Потсетуваме дека во 2009 година Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против Северна Македонија за повреда на чл. 11 од ЕКЧП (право на здружување). Во одлуката на судот се наведува дека името на здружението „Радко“ (псевдоним на Иван Михаилов) само по себе не може да се земе како ризик и закана за јавниот ред.
Настаните од вчера уште еднаш ја покажуваат потребата да се постигне објективно толкување на историските настани и личности од заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија. За таа цел беше формирана Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Денеска сме сведоци како едностраните и пристрасни толкувања на историските настани можат да се користат како аргумент врз основа на кој властите носат одлуки за ограничување на основните права и слободи.
Според Записникот од состанокот на Мешовитата меѓувладина комисија потпишан на 17 јули 2022 година, формиран врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, Северна Македонија се обврза да преземе мерки за да обезбеди ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на бугарската заедница во земјата. Бугарија ќе го следи спроведувањето на преземените обврски, се вели во реакцијата на бугарското МНР.
