БРУТАЛНОТО ПРЕТЕПУВАЊЕ ВО ГОСТИВАРСКО СЕ ИСТРАЖУВА КАКО УБИСТВО ВО ОБИД Побаран е притвор за сопругот
Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага за убиство во обид против 52-годишниот маж кој вчера брутално ја претепал својата 42-годишна сопруга. Нападот се случил во семејниот дом во гостиварското село Топлица, додека случајот во полиција го пријавил таткото на осомничениот.
„При расправија во семејниот дом во селото Топлица, осомничениот употребил физичка сила и остар предмет со кој повеќепати ја удирал оштетената во главата, лицето и телото“, соопшти Јавното обвинителство.
Жената се здобила со тешки телесни повреди, со убодни рани и со скршеници на ребрата. Полицајците ја пронашле во бессознание.
Обвинителството побара притвор за осомничениот поради опасност од бегство, од влијание врз сведоците и од довршување на кривичното дело.
Според денешниот билтен на Министерството за внатрешни работи, нападот се случил вчера околу 12:30 часот. Полициски службеници од Полициското одделение Галате го привеле М.М. во 14:10 часот.
„Исто така, при лишувањето, тој давал отпор и физички нападнал полициски службеници и повредил еден од нив“, соопшти МВР.
Осомничениот, кого полицијата го опиша како лице со нарушено ментално здравје, бил спроведен во Психијатриската болница во Бардовци.
На жената првично ѝ била укажана медицинска помош во болницата во Гостивар. Поради сериозноста на повредите, таа во бессознание била пренесена на клиниките во Скопје.
Како што претходно објави Плусинфо, жената била примена во животозагрозувачка состојба.
Лекарите ѝ констатирале скршеница на черепот, крварење во мозокот, скршени ребра и делумно колабирано белодробно крило. Било извршено и снимање на стомакот бидејќи сопругот ја клоцал во тој дел од телото, според претходното соопштение на Обвинителството.
Според денешните информации на Канал 5 од извори на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, жената е во стабилна состојба и не е интубирана.
Јавен обвинител уште синоќа разговарал со повредената жена. Активирана била и процедурата за итна координација и постапување при семејно насилство, во која се вклучени полицијата и Центарот за социјални работи.
.
Извор: plusinfo.mk