ИНВЕСТИТОРИТЕ ЌЕ МОРА ДА ОСТАВАТ 10% ОД СТАНБЕНАТА ПОВРШИНА ЗА МЛАДИТЕ Со новите предлог-измени квадратот за паровите ќе биде поевтин за 20%
Инвеститорите на станбени објекти ќе имаат законска обврска да издвојуваат 10% од станбената површина за млади брачни парови. Ова го предвидуваат два закони кои ги подготвува Владата, а кои во декември треба да се најдат пред пратениците, вели ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.
Со измените младите ќе можат да купуваат станови по цени за 20% пониски од просечните пазарни цени од претходната година.
„Секој инвеститор кој ќе побара дозвола за изградба на станбен објект ќе има обврска да издвои 10% од станбената површина за лицата кои ќе ги исполнуваат условите утврдени со законот. Еден од условите е најмалку едниот од партнерите да биде на возраст до 35 години“, се наведува во соопштението.
Од партијата го посочуваат примерот со Општина Центар, каде што просечната цена на квадратен метар станбен простор во првите 9 месеци од годинава изнесувала 1.915 евра. Со предвидениот попуст, младите брачни парови би плаќале околу 1.530 евра за квадратен метар.
„Вториот закон предвидува младите да бидат ослободени од плаќање комуналии кон општината при изградба на сопствен дом“, додава ВМРО-ДПМНЕ.
Мерката веќе се применува во одредени општини. Со новиот закон таа би се проширила на територијата на целата држава.
.
Извор: plusinfo.mk