
БОЖИКНО ПОСЛАНИЕ НА Г.Г. СТЕФАН: Да не дозволиме неправдата да ни стане навика – Бог ја победи темнината со љубов, а не со сила
„Живееме во свет во којшто има неправди и беззаконие, каде што владеат норми најдиректно спротивни на Христовите заповеди. Но, да не дозволиме тоа да ни стане прифатливо и вообичаено“. Ова е дел од клучната порака која Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, заедно со Светиот архијерејски синод, ја упати до верниците во овогодишното Божикно послание.
Поглаварот на МПЦ-ОА, честитајќи го Рождеството Христово, потсети дека Бог слезе меѓу луѓето за да ја порази темнината, не со сила, туку со љубов.
Во посланието, Архиепископот повикува на самоанализа на преминот од старата во новата година. Тој истакнува дека треба да се осврнеме наназад за да видиме што сме направиле добро, но и да се устремиме кон иднината за да ги поправиме пропустите и слабостите.
Архиепископот порачува дека не треба да се обесхрабруваме дури и ако ни се чини дека она што го правиме е мало и безначајно, потсетувајќи на евангелската поука дека „верниот во малку и во многу е верен“.
Г.г. Стефан упати силна порака за состојбите во општеството, предупредувајќи на опасноста од прифаќање на неправдата како нормалност.
На крајот од посланието, Архиепископот испрати мир и благослов до свештенството, монаштвото и до сите чеда на Мајката Македонска Православна Црква – како во Татковината, така и насекаде по светот.
Со желби за честито и од Бога благословено ново лето Господово, Архиепископот и Синодот го поздравија народот со серадосниот поздрав: Христос се роди!.
