
Битола ги предупредува сопствениците: 24 опасни објекти се закана за граѓаните
Општина Битола упати писмени известувања до сопствениците на 24 куќи во градот кои претставуваат потенцијална опасност за граѓаните. Станува збор за објекти од кои постои ризик од рушење или паѓање на делови од фасади, керамиди и други предмети директно врз тротоарите и коловозите.
Локалната самоуправа веќе формираше стручна комисија која ја утврди состојбата на терен. Иако дел од куќите се напуштени бидејќи сопствениците се иселени во странство, од Општината нагласуваат дека тоа не ги ослободува од одговорноста за одржување на имотот и безбедноста на минувачите.
Според Законот за градење, сопствениците се должни итно да преземат мерки за обезбедување и означување на објектите како опасни. Доколку станува збор за куќи кои се под заштита како културно наследство, во процесот на интервенција ќе биде вклучена и Управата за заштита на културното наследство.
Од Општина Битола очекуваат брза реакција и одговор од страна на сопствениците, со цел да се избегнат несакани последици по безбедноста на граѓаните.

