
Битиќи предупредува: Цената на гасот веќе е двојно повисока, Македонија ја чека нов бран на „увезена инфлација“
Екс-вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, во интервју за „Ноќно студио“ на 4TV.mk направи паралела меѓу војната во Украина и актуелниот конфликт на Блискиот Исток, нагласувајќи дека иако нема да има физички недостиг на енергенси, ценовниот шок е веќе реалност.
Тој алармира дека само за четири дена од почетокот на конфликтот во Заливот, цената на природниот гас на светските берзи е зголемена за речиси 100%.
Битиќи посочи дека движењата на берзите се агресивни и дека влијанието веќе се чувствува низ цела Европа.
„Цената на гасот според ТТФ берзата, која ние ја користиме, во петокот беше околу 32 евра. Денеска таа веќе е околу 65 евра, што е скоро двојно зголемување. Слична е состојбата и со нафтата, која од 63 долари по барел се приближува до 80, а проекциите на експертите велат дека може да достигне и до 120 долари“, истакна Битиќи.
Тој појасни дека иако Иран е под санкции за легален извоз, Ормускиот Теснец е клучната точка низ која поминуваат 20% од светските потреби за нафта и гас, што го прави регионот критичен за стабилноста на цените.
Според Битиќи, главната опасност за македонската економија не е физичкиот недостиг на горива, туку инфлацијата која доаѓа однадвор.
„Овде ја гледам споредбата со почетокот на кризата во Украина. Зборуваме за увезена инфлација која доаѓа од зголемените цени на енергенсите. Народната банка веќе треба да излезе со анализи како овој ефект ќе влијае врз целокупната домашна инфлација“, вели тој.
Еден сегмент кој често се занемарува во домашните анализи, според екс-вицепремиерот, е зависноста на Европа од азиските гиганти.
