
Битиќи: Буџетот не е во добра кондиција, дел од расходите се само одложени
Екс-вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, во интервју за емисијата Ноќно студио на 4TV.mk изјави дека е прерано да се дава конечна оценка за економските последици од актуелната војна, нагласувајќи дека вистинските ефекти врз инфлацијата и државната каса ќе бидат појасни по неколку недели.
„Разговорот го правиме четири дена по почетокот на војната. Ако го правевме по четири недели, со сигурност ќе можев да ви кажам повеќе, затоа што тогаш ќе знаеме колкаво ќе биде влијанието врз инфлацијата и врз потребите на државната каса“, истакна Битиќи.
Тој потсети дека уште при носењето на Буџетот за 2026 година предупредил дека состојбата со јавните финансии не е во најдобра кондиција. Според него, 2025 година била завршена со околу 500 милиони евра помалку приходи од планираното, но и со ист износ на нереализирани расходи.
„Некој ќе рече дека е добро ако не реализирате 500 милиони евра расходи, но тоа не е нужно домаќинско работење. Во економијата тоа често значи дека расходите не се непостоечки, туку едноставно не се платени“, појасни Битиќи.
Како аргумент за ова тврдење, тој ги посочи податоците од првите два месеца во 2026 година, кога реализацијата на капиталните инвестиции достигнала околу 20 проценти.
„Такво ниво на реализација не е возможно ако немало одложување на плаќања од претходната година. Тоа укажува дека дел од расходите од 2025 година всушност се префрлени во 2026, бидејќи тогаш немало доволно средства“, оцени Битиќи.
Тој предупреди дека во услови на глобална нестабилност и можен инфлаторен притисок, ваквата состојба може дополнително да го оптовари буџетот и да ја ограничи фискалната флексибилност на државата.
