
БИЛБОРД СО ВУЧИЌ, ЃОКОВИЌ, ПУТИН КАЈ ЗВЕЧАН: Koсовската полиција го отстрани
Косово отстрани билборд со српскиот претседател Александар Вучиќ, тенисерот Новак Ѓоковиќ и рускиот претседател Владимир Путин во Звечан. Билбордот се наоѓаше на магистралниот пат, а го постави привремената општинска управа Звечан, која работи во српскиот систем. Овој билборд се наоѓаше и во близина на градот Бањска во општина Звечан, каде во септември лани вооружена група Срби ја нападна косовската полиција.
На настанот присуствуваше косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља и министерот за локална самоуправа Ељберт Красниќи.
Покрај Вучиќ, Путин и Ѓоковиќ на билбордот како почесни граѓани беа хирургот Зоран Кривокапиќ, дипломатот Југослав Костиќ, поранешниот директор на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија Марко Ѓуриќ и Милорад Арлов, претседател на Комитетот на Република Српска за помош на Србите во Косово. Во видеопорака објавена на својот Фејсбук профил, министерот Свечља вели дека на Косово нема место за личности кои претставуваат „диктатура и агресија“.