
Бектеши: Загадувачите ќе им плаќаат на производителите на електрична енергија
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека, во контекст на енергетска независност и намалување на оперативните трошоци за компаниите да бидат поконкурентни, загадувачите ќе им плаќаат на произведувачите на електрична енергија од обновливи извори, како што се фотоцентралите.
– Министерството за економија во наредните две недели ќе ја усвои уредбата во делот на воведување на гаранција на потеклото, што е механизам на Европската унија, посебно на производството на електрична енергија од обновливи извори. Тоа значи дека загадувачите, на ниво на Европската унија, ќе треба да им платат гаранција на производителите од обновливи извори на енергија, рече Бектеши.
Министерот додаде дека подготвени се сите правилници, уредби и подзаконски акти за воведување батерии како дополнителна можност во делот на складирање на електрична енергија за тие што инвестираат во фотонапонски централи. Со овие таканаречени „сториџи“ таа ќе може да се користи во одредени часови кога им е најпотребно и вишоците да влијаат позитивно на нивните приходи.