
„БЕХТЕЛ И ЕНКА ДОБИВА ПАРИ“: „На ситно“ од буџетот
Министерството за транспорт и врски префрлило уште 3,5 милиони евра на сметката на јавното претпријатие „Државни патишта“ за проектот со Коридор 8 и Коридор 10Д кој го изведува конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Новата сума од 216.308.513 денари била префрлена на 2 октомври. Претходно слична бројка беше трансферирана на 10 август. Во јули пак беа дадени околу 7,3 милиони евра за носителот на проектот за изградба на четири автопатски делници. Ова се значително помали суми по стартните 117 и 53 милиони евра одобрени за „Бехтел и Енка“.
Ова е петта трансакција за потребите на проектот и досега веќе се „испорачани“ повеќе од 180 милиони евра за американско-турската градежна компанија. Официјално конзорциумот со работа започна на 13 септември, а паралелно и натаму се во тек повиците со кои се бараат работници.
„Бехтел и Енка“ започна со изградбата на средината на минатиот месец со минирањето над гостиварското село Дебреше за пробивање на трасата на автопатот Гостивар – Букојчани на Коридорот 8. Изведувачот овој проект го гради со директни финансии од буџетот.
„Бехтел и Енка“ за помалку од половина година заработи десет пати повеќе од кинески „Сино Хидро“, изведувачот на автопатот Кичево – Охрид. Ова го покажува извештајот на Јавното претпријатие „Државни патишта“ за првата половина од 2023.
До 1 јули за оваа година за реализација на автопатската делница Кичево – Охрид финансирана од кинеската Ексим Банка потрошени се 1,006 милијарди денари, или само 16,36 милиони евра.
За инвестиции од програмата за финансирање на патна инфраструкура за проектот Коридор 8 и Коридор 10Д реализирани се 10,46 милијарди денари, односно 170 милиони евра, што беше и претходно објавено во медиумите до тој период на годината.
Според финансиската програма, до крајот на 2023 предвидено е на „Бехтел и Енка“ да му се исплатат вкупно околу 250 милиони евра во неколку транши со повисоки суми.
А.К.
