
Арсовска со критики до Мицкоски: „Лав за жени, маче пред криминалот на ВЛЕН“
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот Фејсбук-профил упати остри критики кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека не презема ништо против, како што ги нарече, „криминалите на Изет Меџити и Висар Ганиу“.„‘Лавот’ Мицкоски не смее да писне против Ганиу и Меџити. Лав? Маче“, напиша Арсовска, обвинувајќи го дека наместо да се справува со функционери за кои, според неа, постојат докази за дивоградби, тој „покажува сила кон жена“.
Според неа, градот има констатирано над 150 дивоградби, со комплетна документација и снимки од терен, но од страна на Мицкоски нема никаква реакција.„Што значи тоа ‘ќе видиш ти’? Ќе реализирате закани или повторно ќе фабрикувате лаги за да ме дискредитирате?“ – прашува Арсовска, додавајќи дека сè што ќе се случи во тој контекст, јавноста ќе знае од каде потекнува.
Таа ја отфрли и тезата за наводна дестабилизација на политичката сцена:„Престанете со приказната за ‘дестабилизација’. Ви се дестабилизира сè кога немате одговор за криминалот. Кога ќе ве фатат со рацете во медот“, напиша таа.Арсовска, исто така, го обвини МВР дека не ѝ дозволува да поднесе пријава, иако, како што тврди, веќе две недели презентира документи за криминал:„Кога мафташе со наводен фалсификат за ‘Пулс’, МВР постапи за 15 минути. А кога јас се јавувам на 192, ми спуштаат кога ќе се претставам“, тврди таа.
На крајот, градоначалничката заклучи: „Срам сте вие, не гордост.“