
Армискиот хеликоптер исфрли 55 тони вода врз пожарот во Трубарево
Хеликоптер Ми-8/17 од воздухопловниот ВИНГ на Армијата на Република Северна Македонија беше ангажиран во гаснењето на големиот пожар кој денеска избувна во индустрискиот дел на Трубарево, во близина на Скопје.
Интервенцијата траела од 15:10 до 17:10 часот, во текот на која биле извршени 22 прелети со вкупно испуштени 55 тони вода врз најзагрозените делови од теренот.
Од Армијата соопштија дека со навремената и ефикасна реакција, нивните припадници дале значаен придонес во стабилизирањето на состојбата, спречувајќи го ширењето на огнот и заштитувајќи ја животната средина и локалното население.
Воздухопловните сили остануваат во состојба на зголемена готовност, ја следат ситуацијата и се подготвени повторно да интервенираат доколку се појави потреба.
