
АРГЕНТИНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МУ ПИШАЛ И НА ПУТИН: Зошто не сакаат да бидат дел од БРИКС?
Аргентина официјално го одби повикот да се приклучи на БРИКС.
Новиот аргентински претседател Хавиер Милеј ја отфрли геополитичката блискост со Кина и Русија, а пред неколку дена на рускиот и кинескиот колега, Владимир Путин и Си Џинпинг, им пратил писмо во кое ги известува дека Аргентина се повлекува од мултилатералниот форум БРИКС. Шефицата на аргентинската дипломатија, Дијана Мондино, кон крајот на ноември изјави дека таа земја нема да се приклучи кон организацијата БРИКС.
Аргентинскиот претседател разговарал за оваа одлука со бразилскиот колега Лула да Силва, Нарендра Моди од Индија и јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса, пренесува „Infobae“.
На организацијата БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) се приклучила Аргентина на самитот кој беше одржан во Јоханесбург кон крајот на август.
Аргентина месецов ја девалвира својата валута и ги намалува субвенциите. Државата објави остра девалвација на својата валута и намалување на субвенциите за енергија и транспорт, како дел од шокантните мерки за кои новиот претседател Хавиер Милеи вели дека се потребни за справување со економска „вонредна состојба“. Министерот за економија Луис Капуто во телевизиска порака рече дека аргентинскиот пезос ќе биде девалвиран за 50 отсто на 800 пезоси за американски долар од 400 пезоси за долар.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пред неколку дена кажа дека Аргентина ќе размисли за членство во БРИКС. Но, одговорот е негативен.
