
Антикорупциска најавува зајакнување на контролата по критиките од ЕК: Ограничени капацитети, но повеќе предмети и иницијативи
Државната комисија за спречување на корупцијата најавува зајакнување на механизмите за проверка на имотната состојба и судирот на интереси, по забелешките нотирани во извештајот на Европската комисија. Новоизбраниот претседател на ДКСК вели дека институцијата успеала да го задржи континуитетот во работата и покрај апсењето на поранешната претседателка и периодот без раководство.
Според него, Комисијата и во вакви услови ги извршувала законските надлежности, а со комплетирањето на составот очекува подобрување на оценките од Брисел. Посебен акцент ќе се стави на ефикасноста во проверката на анкетните листови на функционерите – област која е посочена и од ГРЕКО.
Од Антикорупциска потврдуваат дека проверка на имотната состојба се врши, но не за сите функционери, поради ограничени човечки и технички капацитети. Приоритет има проверката дали анкетните листови се поднесени навреме, додека проверката на вистинитоста се врши по пријава, по сопствена иницијатива или според годишен план за ризици од корупција.
Во изминатиот период ДКСК изрече прекршочни санкции и достави извршни решенија до УЈП за поранешни и актуелни пратеници и функционери кои не пријавиле имот. Сепак, институцијата признава дека сегашниот закон не обезбедува доволно силни механизми за да ги принуди функционерите да поднесат анкетни листови, поради што се подготвуваат законски измени.
Предложените измени предвидуваат построг режим на санкционирање, повторни повици за поднесување изјава и известување на органот што го именувал функционерот. Како посебен проблем се посочуваат функционерите избрани на непосредни избори, кај кои ваков механизам практично не постои.
Антикорупциска најавува и измени на деловникот за работа, со цел приоритизација на предметите од висок јавен интерес и побрзо отфрлање на пријавите без основ. Во таа насока, Комисијата работи и на надградба на софтверското решение, со што се очекува поголем опфат и автоматизирана проверка во наредните години.
Во однос на актуелните случаи, ДКСК потврди дека се отворени предмети по сопствена иницијатива и по пријави од СДСМ, поврзани со тендери во Генералниот секретаријат на Владата и во Службата за општи и заеднички работи. Во тек е прибирање на целосна документација за јавните набавки, а еден од предметите се води и за можен судир на интереси.
Комисијата информира дека во 2024 година поднела 10 иницијативи до обвинителствата, а во 2025 година досега уште 8. Дел од нив се веќе прифатени, додека други се во постапка. Од Антикорупциска најавуваат поголема транспарентност и почести брифинзи со медиумите, но со почитување на пресумцијата на невиност.
