
АНБ: Во време на СДСМ повторно имало прислушување – имало оформени предмети за Мицкоски, новинарини медиуми кои наводно сакале да ја срушат Владата
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) доставила три известувања до Јавното обвинителство против еден поранешен директор и група вработени, поради сомневања за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување во периодот од 2019 до 2024 година, пишува 360 степени.
Според соопштението, известувањата се резултат на внатрешна истрага што АНБ ја спровела по промената на власта во 2024 година. Истрагата открила оформување предмети за оперативни обработки насочени кон опозицијата, лидер на опозициска партија, како и кон новинари и медиуми, со цел – како што стои во документите – „уривање на власта“.
Дополнително, биле идентификувани случаи на обработка и на јавен обвинител, како и на министер во тогашната влада. Истрагата утврдила и намерно одолговлекување на безбедносни проверки, меѓу кои и за пратеник од тогашната опозиција кој бил во постапка за добивање безбедносен сертификат.
Според наодите, во повеќе случаи биле користени материјално-техничките ресурси на АНБ спротивно на законот, а незаконски било вршено и следење на комуникации.
Од АНБ наведуваат дека известувањата до Обвинителството биле испратени пред околу еден месец.
Во посочениот период со Агенцијата раководеа Виктор Димовски и Заре Милошевски, додека актуелен директор е Бојан Христовски.