
Алармантни податоци за детските бракови
На меѓународниот ден, УНИЦЕФ претстави алармантни податоци за детските бракови. Осум проценти од жените во Македонија се омажиле или почнале да живеат во заедница пред 18-годишна возраст, процент што е многу повисок кај жените – Ромки…
Марија и Зухран ги затекнавме на пазарот во Шуто Оризари во празнично расположение. Велат ова е наш ден, горди сè што се жени, бидејќи жените се силни, велат, посебно жените Ромки. Иако се омажиле многу рано, не се каат.
„На 15 години се омажив“, изјави Марија Манасиева.
„Јас на 16 години. Девојчето мое се омажи на 16, машкото на 18. За нашата националност не е многу рано, не. Ми кажуваат – сакам да се женам и се женат, ние не забрануваме, во љубовта граница нема“, изјави Зухран Исмаиловска.
Според податоците на УНИЦЕФ во земјава, осум проценти од сите жени во Македонија се омажиле или почнале да живеат во заедница пред нивната 18- годишна возраст. 45 отсто од жените Ромки се мажени или живееле во врска пред 18- годишна возраст, а 15 отсто пред нивната 15-годишна возраст.
„Се почитува жената, мора да се почитува“, додава Зухран Исмаиловска.
Зухран вели – жената не смее да заборави дека е жена. Таа не прифаќа само симболичен подарок, бара да добие и слободно време да прослави со пријателките.
Наташа Јанчиќ Менковски
