
АЛАРМАНТНА СОСТОЈБА ВО СКОПЈЕ: Деца со маски на лице одат на училиште во Аеродром поради пожар на Дрисла
Загрижувачки сцени утрово во скопската населба Аеродром, каде што голем број родители ги испратија своите деца на училиште со заштитни маски на лицата. Оваа мерка, како што велат, била неопходна поради екстремното загадување на воздухот и неподносливата миризба што се чувствува низ населбата, а која се поврзува со пожар на депонијата Дрисла.
Ова претставува кулминација на еколошката криза што го тресе Скопје изминативе денови. Откако со денови протестираа поради загадувањето од дивата депонија Вардариште, жителите на Аеродром и другите источни населби сега се соочуваат и со нов извор на загадување од главната градска депонија.
Состојбата доаѓа само два дена по алармантното предупредување на професорот Ивица Милевски, кој врз основа на сателитски снимки порача дека скопјани „вдишуваат отрови“ и дека наскоро клиниките ќе се полнат со пациенти со белодробни заболувања.
Сликите од децата со маски на пат кон училиште го зголемија притисокот врз градските и државните власти, од кои граѓаните бараат итна реакција и конкретни мерки за заштита на јавното здравје.
