
АХВ стави клуч на „Авав Хепи Дог“ – Пансионот затворен додека не се испита заразата со Парво
По паниката што се прошири на социјалните мрежи и бројните пријави од граѓани, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) реагираше експресно. Пансионот за миленици „Авав Хепи Дог“ во скопско Бардовци е привремено затворен.
Од АХВ информираат дека во тек е вонреден инспекциски надзор и објектот нема да смее да работи сè додека не се расчисти целосно ситуацијата околу наводното ширење на смртоносниот Парво вирус.
Официјалните ветеринарни инспектори од вчера се на терен и ја проверуваат документацијата.
Во моментот на инспекцијата, во хотелот биле затекнати 15 кучиња. Иако тие засега не покажуваат симптоми на болеста, ризикот е голем.
Оваа мерка доаѓа по серијата обвинувања од сопственици дека им биле вратени угинати или тешко болни миленици по престојот во овој објект.
