
АХВ го повикува градоначалникот на Крива Паланка да соработува за трајно решение на проблемот со кравите
Институционалната одговорност и надлежностите повторно се во фокусот по реакциите поврзани со проблемот со говедата што слободно се движат на територијата на Крива Паланка. Од Агенција за храна и ветеринарство соопштуваат дека тврдењата дека локалната самоуправа нема законска обврска да постапува во овој случај се неточни и дека постојат јасно утврдени надлежности.
Од Агенцијата реагираат на изјавите на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, нагласувајќи дека согласно законските одредби, контролата врз јавните површини и чувањето и напасувањето на крупен добиток на такви површини е во надлежност на општината.
Во соопштението се посочува дека е неопходна соработка меѓу институциите за трајно решавање на проблемот, со цел заштита на земјоделските поседи и безбедноста на граѓаните. Агенцијата истакнува дека говедата не се појавиле одеднаш во голем број и дека решението бара координиран и одговорен пристап.
Исто така, од таму најавуваат дека активностите за заловување и справување со животните ќе продолжат и во наредниот период, во интерес на жителите на општината и околните села.
