
Ахмети проговори на македонски јазик, им порача на Пендаровски и Ковачевски дека не стојат зад нив, туку рамо до рамо со нив!
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, зборуваше на македонски јазик на Свечената академија по повод 115-годишнината на Битолскиот конгрес и Деновите на Албанската азбука, што се одржа во Македонската Филхармонија.
Тој се обрати на претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски порачувајќи им дека не стојат зад нив, туку рамо до рамо со нив.
„Почитуван претседател, почитуван премиере, ние не стоиме позади вас туку рамо до рамо со вас за вашиот мајчин јазик – македонскиот“, порача Али Ахмети.
Инаку, покрај Свечена академија по повод 115-годишнината на Битолскиот конгрес и Деновите на Албанската азбука, исто така, во Собранието на Република Македонија денеска ќе биде врачена државната награда „22 Ноември“, која се доделува за признание на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот во Република Македонија кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во Република Македонија.
Добитници на овогодинешната награда „22 Ноември“ се истражувачот и писател Агим Винца и писателот Амет Селмани.
