Ацо Ристов избран за претседател на Регулаторната комисија за енергетика
Собранието на Република Македонија денеска попладне го избра Ацо Ристов за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), со 68 гласа „за“. Ристов ја презема функцијата по оставката на Марко Бислимовски, поднесена во февруари годинава.
Ацо Ристов е дипломиран електроинженер со повеќе од три децении искуство во секторите енергетика, хидроенергија и инфраструктурни системи. Во својата кариера, тој работел на управување со комплексни проекти како хидроелектрани и пречистителни станици. Исто така, Ристов е член на Комората на овластени архитекти и инженери, со највисоки овластувања за проектирање и надзор.
Од владејачкото мнозинство истакнаа дека со изборот на Ристов се добива висококвалификуван кадар кој ги исполнува сите законски услови и поседува потребниот општествен авторитет за водење на едно вакво независно тело.
Со оваа одлука, РКЕ добива нов претседател кој ќе ја води комисијата во период на важни одлуки за енергетскиот сектор во земјата.