СУДАР КАЈ „ТУЛАНАТА“ НА ПАТОТ БИТОЛА-ПРИЛЕП ОДНЕСЕ ЖИВОТ НА ТИНЕЈЏЕРКА Меѓу тешко повредените има и седумгодишно дете
Седумнаесетгодишна девојка го загубила животот во тешка сообраќајна несреќа на патот Битола–Прилеп. Во судирот кај местото „Туланата“ тешко се повредени уште три лица, меѓу кои и седумгодишно дете.
Несреќата била пријавена вчера во 18.29 часот. Се судриле „опел“, управуван од 28-годишник од Канатларци, и „форд“, зад чиј волан бил 48-годишен жител на Долно Српци.
„На местото на несреќата починала 17-годишната сопатничка од ‘опелот’. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош од Битола“, соопшти МВР.
Возачот на „опелот“ бил пренесен во болница со тешки телесни повреди. Истата квалификација на повредите е констатирана и кај 44-годишна сопатничка и седумгодишно дете од „фордот“.
„Возачот на ‘опелот’, Е.Ф., како и 44-годишната Д.Н. и седумгодишно дете, сопатници во ‘фордот’, се здобиле со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Клиничката болница во Битола.“
Повреден е и 48-годишниот возач на „фордот“. Екипа на СВР Битола извршила увид на местото на несреќата.
.
Извор: plusinfo.mk