
700.000 деца побегнаа во Русија од конфликтните зони во Украина
Русија прифати и префрли на своја територија околу 700.000 деца од конфликтните зони во Украина, изјави шефот на меѓународниот комитет на Советот на Федерацијата, Григориј Карасин.
„Во последниве години, околу 700.000 деца кои избегаа од бомбардирањето и гранатирањето во конфликтните зони во Украина, најдоа тука засолниште“, напиша Карасин на својот канал Телеграм, пренесува Ројтерс.
Официјална Москва соопшти дека програмата за прифаќање деца од Украина е дизајнирана да ги заштити сирачињата и напуштените деца од областите каде што се водат борби.
Украина тврди дека голем број деца биле илегално депортирани во Русија.
Во март, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин за наводни воени злосторства, вклучително и нелегална депортација на деца од Украина во Русија, пренесува Танјуг.
