
473 МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ ПОБАРАЛЕ ЕВАКУАЦИЈА ОД ЕМИРАТИТЕ, КАТАР И ОД ИЗРАЕЛ Сè уште нема услови да бидат извлечени

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, согласно последните податоци, од почетокот војната во Иран во саботата до денеска вкупно 473 македонски државјани контактирале со македонските дипломатско-конзуларни претставништва во Абу Даби, Доха и во Тел Авив.
„Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до ДКП Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт, како и 12 лица од Бахреин“, соопшти МНР.
Согласно информациите добиени од надлежните власти, сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и во Обединетите Арапски Емирати, се додава во соопштението.
„Евакуацијата ќе почне во првата безбедна прилика. Веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови“, порачува МНР.
Во врска со македонските државјани кои се наоѓаат во Израел, Министерството соопшти дека активно ги разгледува можните алтернативи за нивно безбедно извлекување од државата.
„Уште еднаш апелираме до македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи. На 24-часовно располагање остануваат дежурните телефонски броеви на кризниот штаб при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва“, додава МНР во соопштението.
.
