
13-ти ден по ред жителите на Аеродром протестираат, утре наутро целосна блокада на раскрсницата
Граѓанската истрајност и револтот против загадувањето не стивнуваат. Вечерва, 13-ти ден по ред, жителите на источните скопски населби повторно ја блокираа раскрсницата меѓу булеварите Србија и АСНОМ, покажувајќи дека нема да се откажат од борбата за чист воздух.
Протестот, кој започна поради пожарот на депонијата Вардариште, сега прерасна во поширок еколошки бунт. Како што велат присутните, тие веќе не протестираат само за Вардариште, туку и за загадувањето од Дрисла и за последиците од вчерашниот пожар во фабриката за рециклирање на опасен отпад во Трубарево.
„Аеродром и Скопје сакаат воздух“, е една од главните пораки на транспарентите.
И покрај сериозноста на темата, атмосферата на блокадата наликува на маалски собир – соседите се среќаваат и разговараат, додека децата играат фудбал на затворената улица. Ова, според нив, е доказ дека нивните населби, кои се секогаш први на удар на еколошките катастрофи, се претвориле во заедница решена да се избори за здрава животна средина.
За утре е најаавена целосна блокада од 07.30 до 08.30 чсаот.
