
Зошто „Македонијапат“ е понезгодна и од Чак Норис?
Што да очекуваме од „Македонијапат“? Имаме ли емпатија спрема луѓето кои работат за просечна плата помала од 500 евра на отворено, на минусни температури под снежна опсада, без работно време дење – ноќе, со опрема и средства кои очигледно не се доволни да стигнат секаде во исто време. И при тоа секој трет вработен е на определено време. Веројатно заради тоа нивниот број постојано се осипува… Тоа што фирмата низ годините има натрупани долгови од 26 милиони евра и нема капитал е друго прашање за кое никој од доброплатените надлежни институции не реагирал навреме ниту пак пост-фестум…
Македонија во саботата го виде првиот снег оваа сезона, а јавното претпријатие „Македонијапат“ останува дежурен виновник за блокирани патишта и завеани автомобили, извртени камиони и долги колони возила особено на планинските превои како што се „Стража“ (помеѓу Гостивар и Кичево), и пределот од Маврово кон Дебар. Воедно имаше многу снежни фотографии од коловозите долж планинскиот правец „Плетвар“ (меѓу Кавадарци и Прилеп), а бројни фотографии и критики за снежните наноси имаше и од други патни правци ширум земјава.
Во општиот снежен хаос на патиштата значаен удел има и нашата сообраќајна (не)култура чии атрибути се непочитување на зимски услови на возење, непочитување ознаки, летни гуми во зимски услови и општо нетрпение и непочитување правила и прописи. За тоа дали локалната полиција во Гостивар и во Полог воопшто била ажурна во саботата свое мислење треба да дадат надлежните стручни лица. Затоа што заглавените шлепери на патот кон превојот „Стража“ како да стануваат правило, а не исклучок…
Очекувано опозицијата вчера го прозва директорот на „Македонијапат“ и му побара оставка преку соопштение, на што Костадин Ацевски, в.д. директорот на ова јавно претпријатие на својот профил на една социјална мрежа напиша „После многу снег, паднати дрва, летни гуми, тешки товарни возила без зимска опрема, непочитување на забрани…Македонијапат дежурни секогаш и за се!!!
Затоа што не може да даде опсежна сообраќајна анализа за случувањата од сабота, „Фактор“ направи обид да ја „скенира“ оперативната способност, кадровската екипираност и финансиската „крвна слика“ на најкритикуваната државна компанија „Македонијапат“ која всушност се вика Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта.
Што прво паѓа во очи?
Достапните јавни податоци преку базата на Бирото за јавни набавки покажуваат дека „Македонијапат“ нема тендер со кој на надворешна фирма и плаќа за чистење снег на патиштата. Евиденцијата покажува дека последниот тендер бил активен до јули годинава односно траел 8 месеци, а бил склучен во декември 2021 година. На тој тендер патните правци Тетово-Гостивар- Стража,Маврово – Дебар била ангажирана механизација од вкупно 27 (камиони, багери, снегофрлачи) машини. Очигледно дека сега „Македонијапат“ се справувала сама со сопствени средства, машини и ресурси со обилниот снег шо падна во сабота особено во западниот дел од Македонија.
Од достапните јавни документи се гледа дека оваа компанија во април 2021 година купила 15 нови камиони – кипери со додатна опрема (плуг за снег и машина за расфрлање песок и сол) во вкупна вредност од 2,9 милиони евра. Веројатно сега во зимските услови на работа оваа компанија сама се справува со расчистување снег на повеќе од 4.400 километри патишта ширум земјава.
Актуелни се неколку тендери, а најголеми се тие за набавка на битумен со кој фирмата крпи „дупки“ на патиштата и за набавка на сол за зимскиот период.
„Македонијапат“ должи 27 милиони евра, просечната плата е помала од 500 евра!
Ова јавно претпријатие е веројатно во конкуренција со државните железници дежурна мигрена за секоја влада. Актуелното раководство на таа фирма е со врзани раце ако се гледа преку финансиските извештаи. Најголем проблем на фирмата се судски пресуди за кои друштвото треба да плаќа, а не може само. Најголем „муштерија“ му е државната агенција за патишта која му плаќа за одржување и заштита на патиштата.
„Македонијапат“ има 26,9 милиони евра вкупно обврски. Од тоа во финансиската евиденција пишува дека на крај на 2022 година компанијата имала 20,6 милиони евра краткорочни обврски кон добавувачи на крајот на 2022 година. Обврските на крај на 2022 година изнесуваат 24,4 милиони евра, а пренесените загуби се во вкупна вредност од 14,2 милиони евра.
И покрај тешките услови за работа претходната година друштвото ја завршило со добивка од работењето во износ од 864.000 евра, а приходите биле на ниво од 26,3 милиони евра.
„Македонијапат“ се соочува со постојан одлив на вработени! Бројките се немилосрдни и покажуваат дека оваа компанија на крај на јуни годинава имала 788 вработени (а од нив 220 се привремено вработени лица). Во споредба со крајот на 2021 година бројот на вработени лица е намален за 79 лица односно 9 отсто.
Главна причина за тоа е ниската плата. Оваа компанија лани, според официјалните податоци, има просечна плата која е пониска од таа на касиерките во големите ланци супермаркети. Во 2022 година просечниот трошок по вработен (бруто плата) е 719 евра што значи дека нето платата е помала од 490 евра по лице, просечно. Очигледно дека за тие пари мотивацијата за работа не е на највисоко ниво.
И затоа треба ли да се очекува голем ентузијазам и мотивирност за работа во најтешките услови на отворено на минусни температури и под снег? За помалку од 500 евра месечно?
Р.Ф.
