
Жителите на Аеродром најавуваат секојдневни блокади поради неподносливата миризба од Вардариште
Револтирани од, како што велат, „екоцидот и неподносливата миризба“ што со денови се шири од депонијата Вардариште, жителите на скопската општина Аеродром најавија граѓански собири и секојдневни блокади на клучни сообраќајници.
Причина за револтот е пожарот кој избувна на депонијата во неделата попладне, а чиј чад и миризба и денеска го загадуваат воздухот и го загрозуваат здравјето на граѓаните. Истиот пожар во неделата предизвика и прекин во снабдувањето со електрична енергија во повеќе делови од градот.
Во јавниот повик за протест, граѓаните бараат проблемот да се реши „сега и веднаш“, особено поради децата кои новата учебна година ја започнаа во екстремно лоши и нездрави услови.
„Организираме мирни блокади на раскрсницата меѓу булеварите АСНОМ и Србија, пред мостот „Киро Глигоров“, секој ден во 16 часот, сè додека институциите не најдат решение“, стои во соопштението на организаторите.
Тие ги повикуваат сите засегнати граѓани да им се придружат во борбата за здрава животна средина и чист воздух.