
Жирона ја прегази Севилја, Довбик за само шест минути постигна – три гола (ВИДЕО)
Украинскиот напаѓач постигна хет-трик во само шест минути и тоа со голови во 13., 15. и во 19. минута, со што најголемата сензација сезонава во европскиот фудбал брзо го анулира изненадувачкото водство на гостите кое им го донесе Ромеро во 10. минута. Довбик со ова влезе во друштво на Кике Сетиен, Кристијано Роналдо и на Жоакин, кои единствени во историјата на шпанската елита постигнале три гола во првите 20 минути од натпреварот.
Триумфот на домаќинот го најави уште еден фудбалер од Украина, Виктор Циганков, со погодок во 56. минута, а го „зацементира“ Стуани во претпоследната минута од натпреварот.
Жирона викендот го завршува како првопласирана во Ла лига со 52 бода, еден повеќе од Реал Мадрид, кој, сепак, има и меч помалку.
