
Зголемена појава на змии со доаѓањето на потоплите денови – експертите апелираат на смиреност
Со доаѓањето на потоплите денови и забрзаниот раст на вегетацијата, се бележи зголемена активност на змиите, што понекогаш резултира со нивна појава во населени места. Иако ваквите случаи се ретки, тие често предизвикуваат загриженост кај граѓаните, особено во поглед на нивната лична безбедност и безбедноста на домашните миленици.
Македонското еколошко друштво упатува апел за смиреност и внимателност при евентуална средба со змија. Повеќето змии што живеат на територијата на Македонија се безопасни за човекот и немаат причина за паника или агресија, освен доколку не се почувствуваат загрозени.
Во Македонија се регистрирани 16 видови змии, од кои само три се отровни. Најчест претставник од оваа група е поскокот, кој лесно може да се препознае по малото рогче на главата и ромбовидните шари долж телото. Другите два отровни вида – шарката и степската лутица – се поретки и обитаваат на планински подрачја со височина над 1500 метри.
„Во Македонија не постојат змии кои што агресивно можат да нападнат човек во одбрана на територија или гнездо. Напротив, секоја блиска средба или каснување настанува поради недоволно внимание или неносење на соодветна опрема (високи обувки) во природа. Змијата секогаш се стреми да избегне средба со човек и најчесто бега или се вкочанува во место – сѐ што треба да направиме е да ја заобиколиме или да ја оставиме да продолжи по својот пат“ – објаснува Драган Арсовски, доктор на биолошки науки специјализиран за змии и други влекачи во Македонското еколошко друштво.
Се апелира до граѓаните да не ги напаѓаат и повредуваат змиите, кои што имаат исклучително големо значење во одржувањето на кревкиот баланс на екосистемот и контролата врз популациите на глодари и други видови на змии. Потсетуваме дека во Македонија не постои сервис за отстранување на овие животни, а граѓаните треба уредно и редовно да ги одржуваат своите дворни површини како превентивна мерка против засолнувањето на змии.