
ЗЕТОТ НА ОРБАН Е МЕЃУ НАЈБОГАТИТЕ УНГАРЦИ: Kупил 11 деловни згради во Белград
Зетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан купил 11 деловни згради во српскиот главен град Белград. Станува збор за површина поголема од 122.000 квадратни метри, во пет деловни парка: Грин харт, Фортиуан, Белград бизнис центар, 19 Авенју како и деловната зграда Хаус.
Компанијата Диофа фанд менаџмент купила неколку деловни згради во Нов Белград, а овој фонд е дел од групација која ја предводи зетот на Орбан – Иштван Тиборц, пишува Форбс Србија.
Диофа фондот е дел од БДПСТ групата која ја води Иштван Тиборц.
На сајтот на групата се наведува дека во 2022 влегле во логистичкиот сектор преку компанијата Ваберерс. Таа компанија во октомври минатата година објавила дека го презела мнозинскиот удел во српскиот дистрибутер МД интернешнал.
Според претходни извештаи, Диофа договорот за купување на деловните згради го постигнала пред неколку месеци со Индотек групата, која претходно тоа портфолио го купила од ГТЦ. Индотек е исто така унгарска компанија.
Форбс веќе неколку години го води Тиборц меѓу 40-те најбогати Унгарци, како и највлијателни, а откако во 2013 година се оженил за ќерката на Орбан, почнал и неговиот подем на бизнис сцената.