
Земјотресот во Скопје од 26 јули 1963 година е најсмртоносен на Балканот
На 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути скопското епицентрално подрачје генерираше силен земјотрес со магнитуда ML = 6.1 – природна стихија, која предизвика големо разурнување на градот Скопје и однесе бројни човечки жртви. Тој бил почувствуван на целиот Балкански Полуостров. Картата на изосеисти е прикажана на слика 1.
Последиците по жителите и на градбите во Скопје беа катастрофални. Затекнати на спиење или бегајќи панично животот го загубиле 1.070 жители на Скопје, 3.330 биле тешко повредени, а околу 200.000 останале без кров над глава. Според пишаните документи, скопскиот земјотрес од 26 јули 1963 година, во кој градот загуби 82,4 % од својата административна вредност, е најсмртоносниот земјотрес кој се случил на Балканскиот Полуостров.
иректните штети предизвикани од земјотресот се пресметани на 980 милиони американски долари, односно 15 % од вредноста на бруто-националниот производ (БНП) на СФРЈ за 1962 година. Со оглед дека учеството на Македонија во БНП на СФРЈ беше околу 7 %, директните штети предизвикани од скопскиот земјотрес се нешто поголеми од два БДП на Македонија за 1962 година.
Првиот странски новинар кој пристигна во Скопје беше Дејвид Биндер од Њујорк Tајмс. Додека го гледал Скопје од авионот, тој прокоментирал дека „градот изгледа како да е бомбардиран“.
Неколку дена по земјотресот, 35 нации побараа од Генералното собрание на Обединетите нации помошта за Скопје да биде ставена на дневен ред на првата наредна седница на Генералното собрание. Помош за Скопје, во форма на парични средства, монтажни куќи и градежни материјали, медицински, инженерски и градежни тимови и други материјали беше понудена од 78 земји.
Тогашниот американски претседател Џон Ф. Кенеди му нареди на Министерството за одбрана и на Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД) да преземат активности за укажување на помош на Скопје со испраќање персонал, монтажни куќи, градови и други форми на помош. Голема помош пристигна и од Советскиот Сојуз. Нивниот лидер, Никита Хрушчов, дури и лично го посети Скопје во август 1963 година. За првпат по нивната историска средба на Елба во 1945 година, американските и советските трупи стационирани во Скопје можеа слободно повторно да си подадат рака.
Неотектонски и сеизмотектонски карактеристики
Во неотектонскиот развој на територијата на Македонија Скопската Депресија е најстара, и почнала да се формира во првата етапа на неотектонските процеси, односно во почетокот на среден миоцен (баден). Во услови на екстензија, во првиот стадиум од генезата на депресијата, создена е напречната раседна зона Куманово-Скопје-Гостивар. Во натамошниот развој зоната се продолжила кон исток и запад, а се образувале и други гравитациони раседи, со кои се издвоил хорстот Скопска Црна Гора на север и североисток, хорстот Водно-Mатка-Осој и хорстот Јакупица-Караџица од јужната и југозападната страна на депресијата. Со овие раседнувања меѓу хорстовите се формирал типичен грабен, издолжен во правец исток-запад (И-З) до северозапад-југоисток (СЗ-ЈИ) правец, кој постепено преминал во слатководно езеро, кое со прекини егзистирало сè до квартер. Остатоците од езерската седиментна маса укажуваат дека Скопската Депресија кон исток била поврзана со Кумановската, а таа натаму со Пробиштипската и Кочанската тектонска Депресија, сите, според староста на седиментите зародени во среден миоцен.
Многу од неотектонските раседи, особено наложените, со ориентација И-З и СИ-ЈЗ, кои напречно пресекуваат повеќе геолошки единици, се носители на доминантната современа сеизмичка активност во Македонија. Така епицентрите на повеќетo силни земјотреси се лоцирани долж овие раседи. Скопското епицентрално подрачје е дел од раседна зона која се протега од исток кон запад на потегот Ќустендил-Крива Паланка-Куманово-Скопје-Гостивар-Дебар и Елбасан (Албанија). Со должина од околу 220-240 km таа е најдолга раседна зона во Македонија. Одделните раседни сегменти од зоната претставуваат гравитациони (нормални) раседи со пад кон север под агол 70-75о. Главниот расед е проследен со помали паралелни и дијагонални раседи. Покрај вертикалното поместување на раседните блокови се јавува и лево (западно) хоризонтално поместување по целата должина на зоната.
Современа тектонска и неотектонска активност во скопското епицентрално подрачје
Епицентралното подрачје – Скопје е поврзано со современата тектонска активност на Скопската неотектонска Депресија наложена преку постарите структури од вардарската зона, а делумно и преку Пелагонискиот Хорст-антиклинориум и западномакедонската зона. Во целост, таа зазема површина од преку 400 km2. Според морфолошките карактеристика Скопската Депресија се дели на три сегмента, претставени со:
Современото Скопско Поле – современа алувијална рамнина, што продолжува релативно да тоне;
Подрачјата изградени од неогени седименти (мио-плиоценски моласни наслаги), кои ги градат слабо издигнатите ритчести терени, со натамошна тенденција на слабо издигање;
Околните планински терени, изградени од преднеогени комплекси, издигнати од 1.000 до 1.500 m и повеќе.
Овие морфоструктурни целини се издвоени со системи на гранични раседи од вардарска и напречна насока. Меѓу раседните дислокации се разликуваат раседи кои се различно изразени во релјефот, а голем број од нив, внатре во депресијата, се констатирани со геофизички методи. Меѓу контрасно изразените реактивирани раседи, кои се изразити и вон депресијата, е Скопско-црногорскиот Расед, долж западната граница на Скопско Поле е Драчевскиот Расед, долж паралелата 42°, јужниот дел на депресијата е одделен од северниот со регионалниот Скопско-ќустендилски Расед. Во северниот дел на депресијата постојат бројни геолошки податоци за нејзиното поместување во правец запад-северозапад. Ова поместување предизвикува латерално смолкнување од лева (западна) насока дoлж Скопско-ќустендилскиот Расед.
Современата неотектонска активност е посебно изразена долж реверзниот Браздински Расед, кој на север, на територијата на Косово (кај Генерал Јанковиќ), претставува современа навлака, каде што неогените седименти се покриени од постарите формации.
