
„Зелен Хуман Град“: Обид за забрана на граѓанските листи пред Уставниот суд
Пред Уставниот суд на Република Македонија денеска се разгледува предмет поднесен од организацијата „Светски македонски конгрес“, со кој се оспорува легитимноста на потписите што ги користеле граѓанските листи за настап на последните избори.
Од иницијативата „Зелен Хуман Град“ (ЗХГ) реагираат дека ова претставува нов обид за укинување на граѓанските листи, за што, како што велат, одамна предупредувале. Според нив, големите партии ги гледаат како сериозна закана, а нивните активисти веќе биле мета на закани и негативни кампањи.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за укинување е поднесена од организација чиј претседател е Тодор Петров, поранешен кандидат за претседател на државата и долгогодишен претставник на „Светскиот македонски конгрес“.
„ЗХГ продолжува да се бори и покрај опструкциите, се надеваме дека Уставниот суд нема да подлегне на партиските притисоци. Доколку оваа иницијатива помине, пред или по изборите, подготвени сме да ја оспориме легитимноста на целиот изборен процес,“ стои во нивната реакција.
Од иницијативата потсетуваат дека продолжуваат со собирање потписи за формирање партија, токму поради ваквите ситуации, и најавуваат дека се блиску до 1.000 собрани потписи.