
Завршува голготата на булеварот ,,Борис Трајковски”: Објавена јавната набавка, машините почнуваат со работа за 40 дена!
Долгогодишната „сообраќајна голгота“ на влезот во населбата Драчево конечно добива своја завршница. Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска информираше дека е официјално објавена јавната набавка за изградба на булеварот „Борис Трајковски“, проект кој се смета за еден од најважните капитални зафати во овој дел од градот.
Проектот опфаќа реконструкција и проширување на потегот од 850 метри, почнувајќи од трафостаницата во Пинтија па сè до кружниот тек во Драчево. Ова тесно грло, низ кое секојдневно поминуваат над 100.000 граѓани, со години беше симбол за метеж, оштетени возила и безбедносен ризик.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во својата изјава потенцираше дека реализацијата на овој проект е одговор на барањата на граѓаните кои со децении добивале само празни ветувања.
„За мене ова е еден од најзначајните капитални проекти. Конечно, голготата на булеварот ‘Борис Трајковски’ завршува. Ова е исправување на една долгогодишна неправда кон нашите сограѓани. Предолго овој булевар беше симбол на застојот – 850 метри нервоза, прашина и изгубени часови. Но, тоа време завршува и хаосот оди во минатото“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека општината ќе работи темелно и одговорно за да се запазат сите предвидени рокови.
„На местото на овој хаос ќе изградиме современ булевар со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека. Тоа значи побрз проток, безбедност и ред. Свесен сум за разочарувањата од минатото и лажните ветувања, но денес зборуваме за почеток на реализација. Ве замолувам за уште малку трпение додека траат градежните активности – привремената непријатност ќе донесе трајно решение за сите нас“, истакна градоначалникот.
Според утврдената динамика, по завршувањето на законските процедури за јавната набавка, градежните машини се очекува да излезат на терен за приближно 40 дена. Амбициозниот план на општината предвидува целиот зафат да биде комплетиран до крајот на оваа календарска година.
Новото сообраќајно решение предвидува:
Со завршувањето на овој проект, значително ќе се растовари сообраќајот во јужниот дел на Скопје, овозможувајќи побрза врска помеѓу општините Кисела Вода, Студеничани и Зелениково со централното градско подрачје.
